Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Сашо Донев на прес конференција рече дека охриѓани го губат градот Охрид со новиот градоначалник. Охрид со Константин и СДСМ за жал нема да се развива како што доликува и треба, затоа што немаат идеја, немаат визија и желба.
-Константин и СДСМ започнаа со сервисирање на фактурите за изборниот инжинеринг, а за жал граѓаните и градот Охрид се тие кои ќе губат. Првата фактура која што СДСМ и Константин ја сервисираат е премолчувањето и одобрувањето на незаконската изградба на минарето во чаршијата во строгиот центар на градот. Дали Константин и неговиот ментор Зоран Заев ќе го одржат дадениот збор од предизборието и ќе ги повикаат институциите да реагираат во врска со незаконската изградба на минарето? Секако дека не. Ниту Зоран Заев кој замина на неколкудневен одмор, ниту Константин ги нема да реагираат и да ги повикаат институциите, затоа што незаконската изградба на минарето во строгиот центар е дел од ненародниот договор кој го склучија Зоран Заев и Константин, а за возврат Константин да стане градоначалник на Охрид. Овие трговци и сценаристи на изборниот инжинеринг играат на картата на кратко помнење и ги навредуваат и потценуваат охриѓани, рече Донев.
Според него, ако Константин има малку совест и му значат Охрид и охриѓани, без разлика на притисоците, уцените и изборниот инжинеринг кој го извршија на денот на гласање, веднаш треба да ја прекине незаконската изградба на градбата.
-Го повикуваме Константин, а ги повикуваме и институциите, во најбрз можен рок да реагираат и да се спречи незаконската градба и лошата пракса за градење во Охрид која ја воспостави СДСМ со своите советници. Секој оној кој ќе се одважи да спречи изградба на ваков нелегален објект ќе ја има нашата поддршка во тоа. Се останато, ќе биде дефокус од граѓаните и зелено светло за урбаната мафија и дивеењето на незаконското градење во општина Охрид, рече Донев.