Погребот на Афроамериканецот Тир Николс, жртва на полициско насилство во САД, ќе се одржи денеска во Мемфис. На погребот ќе присуствува и американската потпретседателка Камала Харис.
Сè укажува дека настанот ќе добие политичка димензија, а адвокатот на семејството на Тир Николс, Бен Крамп треба да „повика на акција” против полициското насилство.
Се очекува и доаѓањето на братот на Џорџ Флојд, црнец кој во 2020 година беше задушен од полицаец, што предизвика големи протести.
Активистот за граѓански права Ал Шарптон ќе одржи проштален говор во христијанската црква на улицата „Мисисипи”. Службата треба да почне во 10:30 часот (17:30 часот по средноевропско време).
Тир Николс (29) на 7 јануари бил запрен од припадници на специјалната единица на полицијата во Мемфис поради сообраќаен прекршок, но тие го претепале до смрт и тој починал во болница три дена подоцна.
Потпретседателката Харис вчера телефонски разговарала со мајката на Николс, Ровон Велс, и очувот, Родни Велс, кои ја поканиле на погребот, изјави нивниот адвокат.