Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека еврејската држава презема чекори за да го спречи Иран да развие одредено оружје, но не потврди дека земјата е вмешана во неодамнешниот напад врз Иран, изведен со беспилотно летало.
Во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен, тој рече дека неговата намера е прво да склучи мир со арапскиот свет пред да се обиде да го реши израелско-палестинскиот конфликт.
-Ги заобиколив (Палестинците), и отидов директно во арапските земји и направив нов концепт за мир. Направив четири историски мировни договори, Договорите Абрахам, што е двојно повеќе од сите мои претходници заедно за 70 години, рече Нетанјаху.
Осврнувајќи се на порастот на насилството, вклучително и терористичките напади минатиот викенд во Ерусалим, во кои загинаа седум лица, а петмина беа повредени, по израелскиот напад против екстремистите во Џенин на окупираниот Западен Брег во кој загинаа 10 луѓе, Нетанјаху рече дека презема насочени акции против терористите. нивните најблиски поддржувачи и оние кои слават вакви напади.
-Тоа всушност може да го намали поттикот за она што ние го нарекуваме осамени терористи, рече Нетанјаху, алудирајќи на фактот дека напаѓачите во источен Ерусалим, од кои еден беше убиен, а друг, 13-годишно момче, рането и уапсено, не се членови на екстремистички организации.
Нетанјаху не сакаше да одговори дали неговата намера да ги зајакне еврејските населби ќе ја влоши и онака чувствителната ситуација и зборуваше за тероризам и тврдења дека Палестинците се надеваат дека ќе ги искоренат Израелците од окупираниот Западен Брег, пренесоа израелските медиуми.
На прашањето што изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој синоќа ја заврши дводневната посета на Израел и на Западниот Брег, за политиката за населување на Западниот брег на новата влада на Израел, Нетанјаху посочи дека не се согласува со американската позиција.
Нетанјаху рече дека ова е спорна област за која ќе се решава со мировен договор и дека е подготвен да им даде на Палестинците се што им е потребно за да владеат, но дека целокупната безбедносна контрола мора да остане во рацете на Израел и дека за тоа го информирал и американскиот претседател Џо Бајден.
Тој го опиша Бајден како пријател и рече дека ова пријателство трае 40 години.
Нетанјаху додаде и дека неофицијално му било понудено да посредува меѓу Русија и Украина додека бил лидер на израелската опозиција, минатата година, но не откри кој му го понудил, а сега изразува подготвеност да се вклучи, наведувајќи дека е вистинско време за тоа.