„Очекувам судири по повод прославата на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија“, изјави денеска во емисија „Утрово“ на БТВ Милен Керемедчиев, поранешен бугарски заменик министер за надворешни работи.
„Очекувам судири, бидејќи очигледно одредени политички сили и нивните симпатизери одат на овој празник со такво расположение и таква подготовка. Од друга страна, како што е познато, и ВМРО-ДПМНЕ ги подготвува своите симпатизери за доста сериозни судири со бариери и блокади “, појасни тој.
Милен Керемедчиев истакна и дека во исто време Бугарија е во предизборна ситуација – две од партиите даваат се од себе да ги подигнат резултатите со антимакедонски говор. Се работи за Преродба на Костадин Костадинов и на ВМРО, чиј копретседател е Ангел Џамбаски. И двајцата на панихидата за Мара Бунева, минатиот месец во Скопје провоцираа на сметка на македонските национални чувства.
„Едната сака да се врати во парламентот, а другата сака да ги подобри резултатите на изборите. Затоа мислам дека дефинитивно ќе се бара провокација и покрај напорите на министерствата за внатрешни работи од двете страни на границата, секако ќе има и провокации и судири“, изјави поранешниот бугарски заменик министер во МНР.
Тој нагласи дека шефовите на МВР од Бугарија и Северна Македонија изјавиле дека нема да дозволат судири, но „поправилно ќе беше да се каже дека ќе се обидат да го спречат тоа“, рече Керамидчиев. Според него, нема начин да се блокира цел град или да се заштити целата рута од границата до местото на прославите, во црквата Св. Спас.
„Посетата на вршителот на должноста министер за внатрешни работи и директорот на ДАНС на Скопје повеќе покажа дека Бугарија ќе направи некаква прелиминарна селекција на оние што ќе минат на граничниот премин“, рече и Милен Керемедчиев.
Тој претпоставува дека поагресивните и криминалните лица нема да можат да влезат на територијата на Северна Македонија, но истовремено истакна дека македонските власти нема да се обидат да го спречат европратеникот Ангел Џамбаски.