На полигонот на средното автосообраќајно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски” денеска ќе се одржи петта манифестација на возила и мотоцикли.
Според најавата на организаторот, ќе учествуваат повеќе од 250 возила, а презентациите ќе бидат во различни категории – олдтајмери и јангтајмери, тјунирани возила, стајлинг на возила, озвучување на возилата и луксузни возила.
На настанот ќе биде промовиран Автомотоклубот АСУЦ, ќе има и награди со лотарија, изненадувања од организаторите и спонзорите, а на влезот од полигонот посетителите ќе може да донираат пари што училиштето ќе ги намени за социјална помош на нивни ученици.
– Целта на настанот е еднодневна забава, дружење, изложување на автомобили, како и афирмација на училишниот центар за поголем број запишани ученици во иднина, за да не дозволиме да пропаднат стручните дејности, соопшти АСУЦ „Боро Петрушевски”.