Кремљ денеска оцени дека потенцијалната американска испорака на ракети со долг дострел на Украина нема да „го промени текот на настаните“ и нагласи дека Русија продолжува со својата офанзива без оглед на цената.
Снабдувањето на Украина со ракети со дострел до 150 километри ќе доведе до зголемување на тензиите, до зголемување на нивото на ескалација, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Тоа ќе бара дополнителни напори од нас, но тоа нема да промени ништо во текот на настаните, специјалната воена мисија ќе продолжи, рече тој.
Украина со месеци бара стотици модерни тешки тенкови, проектили со дострел од повеќе од 100 километри и борбени авиони за да може да спроведе контраофанзиви и да ги врати украинските територии окупирани од Русија.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе разговара со својот украински колега Володимир Зеленски за потребите на Украина за оружје.
Украина соопшти дека има потреба од ракети со висока прецизност со дострел од над 100 километри за уништување на руските линии за снабдување и складишта за муниција, како единствен начин Киев да го надмине недостигот на луѓе и оружје.
Западните земји досега одбиваа да ги испорачаат тие системи поради страв да не се предизвика нова руска ескалација.
Од друга страна, по долго двоумење, Европејците и Американците одобрија испорака на современи тешки борбени тенкови, иако засега нивниот број е помал од оној што го бара Киев.
Според Русија, американските и европските пратки во Украина покажуваат дека Западот објавил прокси војна против Москва.