Амбасадорката на Израел Н.Е. г-ѓа Симона Франкел ја посети Клиничката болница Жан Митрев. Целта на посетата беше разгледување на можностите за соработка меѓу Жан Митрев Клиника и здравствениот сектор на Израел. При посетата, амбасадорката Франкел беше примена од сопственикот на болницата д-р Жан Митрев и имаше можност да се запознае со постигнатите резултати на оваа специјализирана медицинска установа за кардио-хирургија, како и со другите здравствени услуги за нега на пациенти од земјата и странство.
Во текот на обиколката на болничките оддели и придружната инфраструктура пред амбасадорка беше детално претставена болницата со целосните просторни капацитети и процесите. Беше претставена вградената технологија и опрема што оваа ретка медицинска установа ја рангира во самиот светски врв на даватели на здравствени услуги. Амбасадорката Франкел беше особено импресионирана од доследноста во примената на концептот „зелена” болница според сите инфраструктурни и амбиентални параметри со што Жан Митрев клиника е лидер во регионот и една од ретките целосно дигитализирани болници со независен и целосно затворен систем на амбиентална контрола. Посебен акцент беше ставен на можноста за обезбедување квалификувани и врвни услуги во лекувањето на кардиоваскуларни болести на странски пациенти, за што Клиничката болница Жан Митрев има склучено договори со здравствени фондови од други земји, вклучително и со САД.
Сумирајќи ги впечатоците од посетата амбасадорката Франкел упати честитки до основачот д-р Жан Митрев и до сите вработени во болницата и се обврза да ги испита можностите за соработка со здравствениот сектор на Израел во делот, пред сѐ, во делот на стручно усовршување со цел размена на практични искуства во примената на најсовршени дијагностички и терапевтски методи, особено од областа на кардио-хирургијата.
Амбасадорката беше известена и за исклучителните резултати во работењето во текот на 23-годишната дејност, како и за поседувањето во континуитет од 2017 година на сертификатот од Joint Commission International (JCI) – највисокото меѓународно признание од областа на здравствените услуги.