Заев доби поддршка од Ердоган за решение на спорот околу името
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил попладнево
се сретна со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, придружуван од вице премиерот, Хакан Чавушоглу.
На средбата е констатирано дека двете пријателски земји имаат потенцијал за унапредување на економската соработка преку
зголемување на турските инвестиции, како и преку нови иницијативи од страна на Македонија.
Конкретно, претседателот на Турција, Ердоган, ја поддржа иницијативата од премиерот Заев за зголемување на квотите за
извоз на телешко и јагнешко месо во Турција, а најави и дека овој став ќе го пренесе на Владата на Република Турција. Тој изрази
поддршка и охрабрување на турските бизнисмени за инвестирање во Македонија.
Премиерот Заев потенцираше дека за граѓаните на Република Македонија е многу важна секоја активност и инвестиција којашто
влијае на покачување на животниот стандард и отвора нови работни места во Македонија и во таа насока му се заблагодари на
претседателот Ердоган за развојот на економските односи, како и за поддршката од Република Турција за членство на Република
Македонија во НАТО и ЕУ.
Претседателот на Турција Ердоган даде поддршка на добрососедските политики што ги води Македонија, и го поддржа процесот за решавање на спорот со Грција и оцени дека е тоа добро за Балканот и за евро-атлантските перспективи на Република Македонија.