Од денеска повторно ке застанува 50 ка во ГТЦ
Автобуската станица во Градскиот трговски центар од денеска повторно почна да функционира. Автобусите застануваат во подрумот каде што денеска имаше бина од која диџеј пушташе музика.
Еден од автобусите кој ќе вози на оваа линија е брендиран со слика на архитектот Живко Поповски, творецот на проектот на ГТЦ и порака „Чувајте ми го ГТЦ“.
-50 – ка повторно поминува низ ГТЦ. Денеска ја враќаме оваа линија на местото каде што традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост – изјави градоначалникот Шилегов.
Сега ни останува да го ревитализираме објектот, да ги вратиме луѓето во ГТЦ, да го вратиме ГТЦ на дуќанџиите , истакна Шилегов.
Градоначалникот додаде дека граѓаните поминаа референдум, почувствуваа економски и социјален удар, но не дозволија ГТЦ да ја изгуби автентичноста.
-Препознатливиот лик на Градскиот трговски центар им припаѓа на скопјани, а наша обврска е да им овозможиме на нашите сограѓани да уживаат во она што им припаѓа. Автентичноста на ова здание ќе ја облагородиме со зелен покрив што ќе даде нова димензија на објектот како дел од нашата визија за зелено Скопје. Го чуваме ГТЦ, гордо и достоинствено, со љубов и посветеност. Да продолжиме така да го сакаме ГТЦ – потенцираше Шилегов на крајот од своето обраќање.
Автобусот со број 50 кон Клиничкиот центар ќе сообраќа по изменета траса, по автобуската постојка „МНТ“ на улицата „Филип Втори Македонски“ ќе ја користи постојката во сутеренот на Градски трговски центар, а потоа ќе ја користи автобуската постојка „Центар-Рекорд. Автобусот од Клиничкиот центар кон Хиподром ќе сообраќа по постојната траса.