Тевдовски: Нов закон за буџети ќе се донесе до крајот на годината

Тевдовски: Нов закон за буџети ќе се донесе до крајот на годината

Нов Закон за буџети до крајот на годинава, со кој буџетите ќе се планираат во среднорочна рамка и ќе се создадат услови за воведување фискален совет, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на првиот состанок на Советот за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 – координативно тело кое е задолжено за следење на реформите предвидени со Програмата.

– Законот за буџети ја дава рамката за управување со јавните финансии во земјата. Со него се регулира целокупниот буџетски процес, вклучувајќи ги главните учесници во буџетскиот процес, постапката за подготовка и усвојување на Буџетот, извршувањето на Буџетот и завршната сметка, управувањето со буџетските распределби на средствата и подготовката на Среднорочната фискална стратегија. Со новиот ревидиран закон за буџети ќе се направат промени во насока на поставување на среднорочна рамка во која ќе се планираат годишните буџети – рече Тевдовски.

Со новиот закон за буџети, како што појасни Тевдовски, се создаваат услови за формирање на фискален совет .

Програмата за реформа со управување со јавните финансии 2018-2021 е прва сеопфатна стратегија од областа на управување со јавните финансии. Реформите во неа треба да придонесат за постигнување на 7 приоритети: подобрување на фискалната рамка преку унапредување на проектирањето, подобрување на наплатата на приходи и истовремено поедноставување и подобрување на услугите на надлежните институции, унапредување на процесот на планирање и буџетирање, подобрување на извршувањето на буџетот, зголемување на транспарентноста, зголемување на внатрешната контрола во институциите, како и на надворешната контрола и парламентарниот надзор.

 

Треба да знаете
Последни објави