Вторник и повторно е време за фудбал во Лигата на шампионите. Вечерва во еден од најочекуваните дуели од 1/8-финалето на турнирот на „Стемфорд Бриџ“ ќе се соочат еден против друг Челзи и Барселона.
Двете екипи се стари познаници, кои имаат вкупно 12 натпревари во најкомерцијалниот фудбалски турнир – сите по 2000-та година. Интересно, само две од нив се во групната фаза од Лигата на шампионите, а остатокот во елиминациите.
За последен пат, Челзи и Барселона се сретнаа во сезоната 2011/12. Тогаш тие ги одмерија силите во полуфиналето, а „сините“ од Лондон триумфираа со 1:0 на „Стемфорд Бриџ“ и одиграа 2:2 на „Камп Ноу“. Потоа тимот предводен од Роберто Ди Матео триумфираше во финалето над Баерн Минхен.
Домашниот менаџер Антонио Конте има некои проблеми со тимот. Надвор од составот се наоѓаат Тиемем Бакајоко, а Дејвид Луис и Рос Баркли се под знак прашање. Се очекува италијанскиот стручњак да го постави Тибо Куртоа на голот, а пред него да дејствуваат Сесар Аспиликуета, Андреас Кристенсен и Гери Кејхил. Нголо Канте, Цеск Фабрегас и Даниел Динкворт ќе ги заземат своите места во средниот ред. Еден Азар ќе дејствува напред и ќе му помогне на поранешниот напаѓач на Реал Мадрид, Алваро Мората.
Барса нема проблеми со казнети или повредени играчи, а единствениот ќе недостасува Филипе Коутиньо кој веќе забележа натпревари на турнирот со Ливерпул. Лионел Меси ќе се обиде да го постигне својот прв гол против Челзи во деветтиот натпревар против „сините“. Луис Суарез ќе биде другата закана за домаќините, како партнер во нападот со мега-ѕвездата на Аргентина. Се очекува како стартери за каталонците да започнат уште Тер Штеген, Серхи Роберто, Пике, Јумтити, Алба, Дембеле, Ракитиќ, Бускетс и Иниеста.
Во сенка на судирот на „Стемфорд Бриџ“ е дуелот меѓу Баерн Минхен и Бешикташ на „Алијанц Арена“.
Германскиот гигант е апсолутно фаворит во овој дуел и ќе се обиде да го реши сето ова вечерва. Екипата на Јуп Хејнкес е во одлична форма, труимфирајќи на 15 од последните 16 домашни средби во сите натпреварувања.
Турците пак се претставуваат колебливо уште од почетокот на сезоната, наизменични силни и слаби натпревари.
Денешни осминафинални средби:
Челзи – Барселона (20:45)
Баерн Минхен – Бешикташ (20:45).