Ќе се испитува потребата од жичница од Козле до Средно Водно
Владата ги задолжи Град Скопје и две министерства да донесат одлука за евентуалната реализација и бенефитот од изградбата на жичницата што ќе ги поврзува Козле и Средно Водно.
„Владата го разгледа новиот текст на информацијата за изградба на жичница од Козле до Средно Водно за период од 1 јули до 31 декември 2017 година и ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје да донесат соодветна одлука за целесообразност на овој проект“, гласи соопштението од владината седница.
Советниците на Град Скопје на седница гласаа за инвестициската програма на ЈСП за оваа година, која предвидува 800.000 евра да се потрошат за реализација на втората секција на жичницата на Водно. Жичницата, која го поврзува Средно Водно со Милениумскиот крст, во првата фаза беше пуштена во употреба во 2011 година и е со должина од 1.560 метри. Во согласност со планот, вториот дел од жичницата на Водно би требало да го поврзе Институтот за белодробни заболувања во Козле со Средно Водно.