Ципрас разговарал за Македонија со Меркел, Јункер и Могерини

Ципрас разговарал за Македонија со Меркел, Јункер и Могерини

Односите на Грција со Македонија, Албанија и Турција се теми на разговорите на Ципрас со Ангела Меркел, Федерика Могерини и Жан Клод Јункер со кои грчкиот премиер се среќава на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.

За прашањето со името и заклучоците од посетата на Зоран Заев на Берлин, разговарале грчкиот премиер и германската канцеларка на нивната куса средба во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.Според грчките медиуми, пораката од Меркел била дека ќе продолжи да ги охрабрува двете страни за да стигнат до решение, додека пак Алексис Ципрас, ја повторил одлучноста на грчката влада да се најде одржливо, стабилно и заемно прифатливо решение.

Дел од грчките медиуми пренесуваат дека европејците сакаат веднаш да се постигне решение на спорот за името и силно ја притискаат Атина, нешто што го негираше владиниот портпарол Ѕанакопулос.

Грција го повлече ветото за членството на Македонија  во Јадранско-јонската иницијатива и заменик-министерпт за надворешни работи Јоргос Катругалос изјави дека грчката Влада ќе ја поддржи кандидатурата на Македонија.

Информативниот портал Иефимерида тврди дела нацрт спогодбата е подготвена, има околу 20 страници и се наоѓа во рацете на Алексис Ципрас. Според порталот нацрт спогодбата не ги содржи само грчките позиции, туку ги зема предвид и позициите на другата страна, а откако дипломатскиот документ ќе добие зелено светло од грчката влада, ќе биде доставено до македонската страна.

Според грчките медиуми, во владата на Ципрас, владее оптимизам дека конечно ќе биде решен спорот и не ги загрижува толку позицијата на македонската страна отколку таа на коалицискиот партнер Независни Грци. Лидерот Панос Каменос во грчкиот парламент порача дека не се согласува со тоа како владата управува со прашањето со името и се закани дека ќе направи сѐ „да не се даде името Македонија“.

Треба да знаете
Последни објави