Недостига кадар и дијагностика – 7 од 10 пациенти во Македонија умираат од болнички инфекции
Седум од десет пациенти на интензивна нега умираат доколку се заразиле од некои опасни бактерии кои виреат таму, вели Каќа Поповска од Институтот за микробиологија за Нова ТВ. Болничката хигиена е само дел од превенцијата, но недостасува и болнички кадар, вели Поповска.
Таа посочи и дека на овие инфекции се изложени и пацинетите и медицинскиот персонал. Еден лекар неодамна се заразил со три болнички бактерии, а друга лекарка починала од еден посебен сој на интерхоспитална бактерија.
„Бактерија со највиска смртност е псеудомонас еурогиноза и ако мене прашувате ,јас сметам дека е таа најопасна и најмалку би сакала со неа да се сретнам во животот. Тоа би значело дека од 10 кревети во една шок соба, од 10 пациенти седум ќе починат од бронхопнеумонија, ако закачиле псеудомонас еурогиноза. МРСА не е толку смртоносна колку што е контагиозна, односно се шири од пациент на пациент и така се добива болничка епидемија. И тоа е она што сакаме да го направиме, да што помалку пациенти бидат зафатени и да ја спречиме или намалиме епидемијата“, изјави проф. Каќа Поповска раководител на Институтот за јавно здравје и член на Комисијата за интерхоспитални инфекции.
Увидот направен од надлежните покажал дека интрахоспиталните инфекции биле утврдени на неколку клиники кои се критични места, а како пример Поповска ја посочи Клиниката за детски болести кога пред десеттина години се појавила епидемија од интерхоспитална инфекција со 11 проценти смртност на доенчињата.