Ретки се натпреварите на Реал на кои што екипата на Зинедин Зидан не постигнува гол, но Еспањол го пронајде лекот за тоа, а во самото судиско продолжение дури и ги освои трите бода.
Од самиот почеток гостите тргнаа во офанзива и се редеа шансите пред голот на домаќините, но на другата страна и Еспањол знаеше да се закани по голот на Навас.
Може да се каже дека во првото полувреме Реал Мадрид беше подобар противник, но во продолжението на натпреварот домаќините играа се подобро и подобро. Прв се закани Дуранте кој во 50-та минута биеше со глава и ја погоди стативата, а домаќините посебно ги засилија нападите кон голот на „Кралевите“ во последните дваесетина минути.
Кога сите мислеа дека двете екипи ќе ги поделат бодовите, длабоко во судиското продолжение Морено го совлада Навас за голема победа на Еспањол.
Реал сега останува на третото место на табелата со 51 освоен бод, лидерот Барселона има 65, а второпласираниот Атлетико Мадрид има 58 бода. Еспањол се наоѓа на 13-та позиција со 31 освоен бод.