Кеирош: Меси да докаже дека е навистина човек

Селекторот на Иран Карлос Кеирош изјави дека ФИФА треба да го суспендира играчот на Барселона Лео Меси „додека не се докаже дека Аргентинецот навистина е човек“.

 

Иран летово повторно ќе игра на Светското првенство, а во Групата Б ќе биде со Португалија, Шпанија и Мароко.

Кеирош се присети на натпреварот меѓу Иран и Аргентина на Мундијалот во 2014 година во Бразил кога Меси постигна победнички гол во продолжението.

„Секогаш сум кажувал дека Меси е исклучителен играч. Тој не е од овој свет, да беше човек немаше да има таков магичен момент на натпреварот. Не сакам да губам, но по тој пораз немав негативни чувства. Кога ќе се случи нешто магично знаеш дека фудбалот живее, дека прета и поради тоа е еден од најдобрите спортови за гледање“, изјави Кеирош за сајтот на ФИФА.

„Ситуацијата е уште позначајна и посебна бидејќи сето тоа доаѓа од играч на која ФИФА не треба да му дозволи да продолжи да игра додека не докаже дека тој навистина е човек“, додаде на шега португалскиот тренер.

Кеирош додаде дека е возбуден што неговата екипа на Мундијалот ќе игра против Португалија, предводена од најдобриот фудбалер на светот, Кристијано Роналдо.

„Како португалски тренер, да играш против репрезентацијата на Португалија е прилика и посебна работа за мене и моите играчи. Ќе биде интересно да се игра против нив, но и против Шпанија и Мароко. Тоа е атрактивна група. Секогаш е посебно кога играте против најголемите играчи, а во случајов се работи за најдобриот фудбалер на светот. Но, кога ќе почне натпреварот, играат два тима кои сакаат победа. Фудбалот ќе го одлучи победникот“, додаде Кеирош.

Треба да знаете
Последни објави