Министерот за земјоделство Љупчо Николовски и српскиот министер за трговија Расим Љаиќ денеска во Скопје ќе се обидат да најдат решение за проблемот со српското брашно, чиј увоз во Македонија се проблематизираше откако нашата земја донесе нов Правилник за увоз на брашно.
Правилникот што стапи во сила на 8 февруари, а предвидува контролни маркички на брашното да се ставаат по увезување на пратките и нивната контрола, а не пред да се реализира извозот во Македонија, предизвика реакции кај извозниците од Србија, а отиде до дотаму што деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад побара од министерот Љаиќ, српската влада да воведе реципрочни мерки за македонските производи што се увезуваат во Србија.
Од македонското Министерство објаснуваат дека измените се всушност усогласување на постојниот правилник за да се гарантира безбедност и квалитет на увозното брашно, како и да се гарантира дека брашното ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркичка. Односно се менува само распоредот на целата процедура за увоз на брашно од странски земји.
Новина е што контролните маркички ќе се издаваат откако ќе се добијат резултатите од анализите од земените мостри за квалитет и безбедност на увозното брашно.
Од Министерството исто така појаснуваат дека нема какви било дополнителни финансиските трошоци за увозниците, како што обвинија од Житоунија.
– На увозниците со тоа значително им се зголемени трошоците и бизнисот со Србија станува економски неисплатлив. Реално е да се очекува пад на извозот на српското брашно, изјави за весникот Политика, Здравко Шајатовиќ, претседателот на „Житоунија“.
И додека според производителите од Србија, со новиот начин на лепење маркички им се зголемува времето за извоз, како и трошоците, македонските мелничари велат дека на овој начин Владата се обидува конечно да стави крај на неконтролираниот увоз на српското брашно. Според нив не е нормално маркичката да се става во Србија, а не во земјата каде што се продава брашното, односно во Македонија.
Според Законот за квалитет на земјоделски производи, „брашното може да се стави во промет ако е означено со контролна марка и ги исполнува условите за промет и за квалитет утврдени со овој закон“.
За српските производители, Македонија е трет извозен пазар на кој годишно пласираат 30.000 до 40.000 тони брашно.