Регионалниот пат Крушево – Битола кој изутрината беше затворен за сообраќај поради голомразица, сега е нормализиран за сите возила, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Кавадарци – Дреново од 12:00 – 15:00 часот ќе биде во прекин за сите возила.
Од 07:20 часот, пак, е укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Сообраќајот на сите патишта се одвива по наместа влажни коловози. Врнежи од замрзнат дожд има на планинскиот премин Буково. Дожд врне на Стража, во Битола, Прилеп, Струга, Ресен,Железнец и Велес.
Поради појава на магла видливоста е намалена до 100 метри на планинскиот премин Стража. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.