Граѓаните бараат укинување на дејноста на извршителите
Неколкумина извршители кои се под заштита на Комората, го прекршуваат Законот за извршување – тврдат група граѓани, кои поради ваквиот сомнеж денеска излегоа на протест.
Пред Комората на извршители на Република Македонија тие обвинија дека нема рамномерно распределување на случаите каде како побарувачи се јавуваат комуналните претпријатија. Според нив, одредена мала група на пет, шест извршители е во привилигирана положба и во финансиска спрега со управниот одбор на Комората.
„Имаме побарано повеќе пати да делува Основното јавно обвинителство, но ниту еднаш не излезе во пресрет и не делувало против целиот овој криминал. Постојат кланови во извршителската дејност. Тие се фамилијарно поврзани. Постојат и други кои се поврзани со нотарите, кои лесно може да се откријат ако сака ОЈО“, изјави Марјан Ненов од Здружението „Но пасаран“.
Еден од граѓаните кои денеска протестираа, посочи дека месецов пензијата му е како што рече тој, преполовена. Пензионерот раскажа дека наместо 10.700 денари можел да подигне само 5000. Од Пензискиот фонд му објасниле дека парите му се повлечени од трансакциската сметка од претседателот на Комората, Зоран Димов кој постапувал по решение. Пензионерот рече дека за ова не бил воопшто известен и допрва ќе бара одговори.
Демонстрантите денеска побараа Министерството за правда да ги повика на дебата за новиот Закон за извршување, за да ги кажат своите предлози и забелешки за истиот. Ресорниот министер, Билен Салији минатиот месец веќе организираше дебата за Предлог Законот за извршување и Предлог законот за нотаријат, но таму не беа поканети претставници на граѓанскиот сектор. Минатото лето пак, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потпиша меморандум со Комората на извршители на Македонија со кој извршителите се обврзуваат да не ги блокираат сметките на лицата приматели на социјална помош.