За сестрите до четири, за лекарите и до 10.000 денари помалку!
Медицински кадар кој е ангажиран со договор на дело на Клиниката за детска хирургија за февруари добил пониска пата, дознава „Слободен печат“ од извори во клиниката. Во некои случаи намалена била платата, во други не им биле исплетени додатоците за дежурства, но намалувањето е од 3.000 до 4.000 кај медицинските сестри, а кај лекарите и до 10.000 денари. Оваа промена во исплатата се случува во време кога на чело на клиниката доаѓа нов стручен директор Лазар Тодоровиќ, на местото на досегашниот директор Ристо Симеоновски, кој беше на оваа функција од времето на Никола Тодоров.
На Клиниката за детска хирургија има вработено 28 лица со договор на дело кои се ангажирани како медицински сестри, лекари специјалисти, лаборанти, биохемичари и неколку како административен персонал.
– Мојата плата беше околу 20.000 денари, а сега е намалена за повеќе од 3.000 денари, што навистина револтира – вели вработена на Детска хирургија.
Лекарите пак што дежураат за февруари добиле и по 10.000 пониски примања.
– Покриваме дежурства работиме интензивно, како и оние што се редовно вработени, а тоа што сме ангажирани со договор на дело значи дека не ни се плаќаат придонеси, туку само платата, што за клиниката е помал трошок. Ем не вработуваат, ем ни ги намалуваат приходите, навистина е дестимулирачки. Со овој однос нема да не натераат да останеме во јавноста здравство каде недостасува кадар, туку не тераат да си заминеме или во приватните болници или во странство – вели лекар, кој сака да остане анонимен.
Други коментираат дека премиерот Зоран Заев најавува плати за специјалистите и до 70.000 денари, додека во пракса , платите на специјалистите се намалуваат.
Според неофицијалните информации во некои случаи има намалување на платите, а во некои воопшто не биле исплатени додатоците од дежурствата и дополнителната работа, поради што и приходот за овој месец кумулативно бил помал. Извори од клиниките објаснуваат дека поранешниот директор Симеонов наоѓал начини како да обезбеди подобри приходи за оние што се ангажирани со договор на дело, за да ги стимулира да работата подобро и да останат на клиниката.
Новоназначениот директор Тодоровиќ вели дека на оваа функција е само 21 дена. Тој признава дека ја потпишал платата, бидејќи со економскиот директор работат на принципот на врзан потпис, но вели дека нема никаква врска со нејзината подготовка бидејќи тој се грижи за стручниот дел од работата и упатува објаснување да даде организациската директорка.
Организациската директорка на Клиниката за детска хирургија Даниела Шапкарова тврди дека намалување на платите не е направено, напротив на оваа клиника оние што се ангажирани со договор на дело земаат повисоки плати во однос на тоа што го земаат на другите клиники.
– Платите на редовно вработените и на оние што се со договор на дело варираат од месец до месец во зависност од тоа колку дежурства и дополнителна работа имале. Други корекции на платите не се направени – вели Шапкарова.
Таа вели и дека годинава буџетот на болницата е зголемен за 5 отсто во однос на лани, што им дава дополнителен простор да ангажираат повеќе луѓе.