На Мијалков ќе му се суди за апсењето на Бошкоски, пресече Апелација

На Мијалков ќе му се суди за апсењето на Бошкоски, пресече Апелација

На Сашо Мијалков,  поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) сепак ќе му се суди за случајот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, односно за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија,  Љубе Бошкоски.

Од Апелацискиот суд Скопје денеска потврдија дека ја прифатиле жалбата на СЈО дали на Мијалков да му се суди за апсењето на Бошкоски на 6 јуни 2011 година.

Жалбата на СЈО следеше откако Советот за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд во декември, лани донесе одлука на поранешниот шеф на тајната полиција да не му се суди во „Тортура“, туку само на шестмина полицајци, на чело со поранешниот командант на посебната полициска единица „Алфа“, Ивица Анчевски Пуки.

Судскиот процес за случајот „Тортура“ требаше да почне на 28 февруари, но првото рочиште беше одложено бидејќи се чекаше одлуката на Апелација по жалбата на СЈО.

Сега, откако второстепениот суд донесе одлука, нема пречки за почеток на судскиот процес, чие прво рочиште судијката Александра Ристеска го презакажа за 23 март.

Според обвинителниот акт за овој случај на СЈО, Мијалков на 6 јуни 2011 година поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба и заради одмазда поради политичките пораки што Бошковски му ги упатил за време на изборната кампања таа година ги навел останатите обвинети да го извршат апсењето со прекумерна употреба на сила.

Во обвинителниот акт се додава и дека Мијалков тогаш влијаел кај медиумите често да ги повторуваат снимките од апсењето.

Треба да знаете
Последни објави