Законот за јазиците одложен на неодредено време
Собраниската сала остана празна. Партиите од владеачкото мнозинство не успеаја да се договорат како да го решат политичкиот јазол со Законот за јазиците. Официјално, нема никакво образложение зошто седницата што беше најавена за денеска во 12 часот, а потоа презакажана за 15 часот, воопшто не почна. Неофицијално, СДСМ и ДУИ не постигнаа компромис што е приоритет за Собранието.
Партиски извори објаснуваат дека на координативните средби ДУИ инсистирала да се затвори прашањето со Законот за јазиците со негово изгласување без амандманска расправа. Главната улога би ја имал спикерот Талат Џафери, кој би објавил дека Собранието не може да одлучува дали законот е во согласност со Уставот и би ги отфрлил амандманите како недозволени. Коалицијата предводена од СДСМ не се согласува. Велат дека сега, кога со ВМРО ДПМНЕ се води дијалог околу реформските закони, не треба да се прават вакви политички провокации. Бараат Законот за јазици да им отстапи место на законите поврзани со евро-атлантските интеграции, со реформа на судството и владеење на правото. Додека траеја координациите, ВМРО ДПМНЕ подготвено чекаше да влезе во салата и да учествува во амандманската расправа. Во Собранието пристигна и Никола Груевски, кој ретко доаѓа на седници. Опозициската партија останува на барањето законот да се повлече и доработи или да се подобри со нивните 35 569 амандмани.
Во текот на денот, пратениците влегуваа и се пријавуваа како присутни. Кај претседателот Џафери беше инсталирана и специјална заштита на неговата картичка. Во повеќечасовното чекање на почетокот на седницата, галеријата се исполни со новинари и сниматели. Но во салата, беа само собраниските служби. И еден пратеник, желен за мал попладневен одмор од бурните меѓупартиски договарања.