Заев ги поздрави оставките во антикорупциската комисија
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска ги поздрави оставките во антикорупциската комисија коментирајќи дека не е лесно да се поднесе оставка кога ќе ве прозват во јавноста. Тој го оцени како позитивно охрабрувањето да се слушне народот.
„Ние можеме да ги ослободиме институциите ако бидеме транспарентни, отчетни и ако понесеме одговорност, па макар било тоа и етички. Јас сум убеден дека на Македонија ѝ треба сериозна антикорупциска комисија која ќе биде овде поставена со сите меѓународни пракси и ќе биде будното око на следење на извршната власт и сè што има допир со народните пари. Ни треба таква институција што ќе биде пример и ќе биде еден од најголемите коректори на слабостите во нашиот систем во севкупната определба за борба против корупцијата“, рече Заев.
Пред неколку дена ревизорскиот извештај на УЈП за работата на антикорупциската комисија покажа дека некои од членовите користеле неверодостојни патни налози за кои им биле исплаќани патни трошоци. Дополнително, како ненаменско трошење буџетски пари се посочуваат и трошоците за ручеци и вечери во ресторани, што членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан. По острите реакции во јавноста, оставки поднесоа претеседателот на антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, и експретседателот и актуелен член на антикорупциската комисија, Горан Миленков.