Заев со архитектите: Брзо ќе се избере новата локација на Клинички

Заев со архитектите: Брзо ќе се избере новата локација на Клинички

Асоцијацијата на архитекти на РМ, пред премиерот, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче   ја презентирале локацијата за новиот Клинички центар. Тие му укажале на премиерот и на министерот дека  Универзитетскиот клинички центар треба да се гради на локација во близина на Злокуќани за која веќе постои урбанистички план уште од 2001 година и им го презентирале проектот.

По средбата со архитектите на својот Фејсбук профил, премиерот Заев напиша:

„Им благодарам на Асоцијацијата на архитекти за поддршката во дефинирањето на локацијата на новиот Клинички центар. Очекувам со министерот за здравство Венко Филипче и со Владата на РМ брзо да донесеме одлука“.

Инаку, за дислокацијата на Клиничкиот центар во 2010 е направена физибилити студија од Француска консултантска куќа со поддршка од Европската инвестициона банка, како и искуствата од Папскиот универзитетски клинички центар во Рим – „Policlinico Agostino Gemalli“.

Новиот Универзитетски клинички центар, кој како што образложија во јавноста пред еден месец од ААМ, треба да се гради на локација на север од Злокуќани и на југ од железничката пруга Скопје-Кичево. Планирано е Универзитетскиот клинички центар да има најмалку осум влеза, да е добро инфраструктурно поврзан поради близината на северната обиколница, има пристап со западниот и источниот дел на Македонија, но и лесен и брз пристап за граѓаните на Скопје, можност за изградба на автобуски и железнички терминал, хелиодром и сите мерки за заштита и спасување.

Од ААМ потенцираат дека изградбата на новиот Универзитетски клинички центар кој ќе биде со многу богати содржини е процес кој што ќе трае во наредните 10 до 15 години, но затоа пак ќе биде трајно решение.

Тие предупредија, доколку се избере старата локација во кругот на клиничкиот блок дека тоа ќе предизвика сообраќаен инфаркт, а и од безбедносен аспект не е поволна локација.

Банката на советот на Европа со чиј кредит треба да се гради новиот Клинички центар бара оштета 5,5 милиони евра доколку се промени локацијата. Од ААМ сметаат дека штетата ќе биде многу поголема доколку се избере старата локација.

Локацијата на малиот простор каде што беше старата зграда на Клиниката за гинекологија е избор на претходната Влада и во проектот не се предвидува да бидат внесени сите клиники.

fb.png

Треба да знаете
Последни објави