Премиерот Зоран Заев заедно со министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил и советникот за економија и финансии, Фатмир Бесими вчера одржаа работен состанок со седумдесетина компании членки на Стопанска комора Македонија – Турција, МАТТО кои беа предводени од претседателот на комората, Ајдован Адемовски.
На работната средба со компаниите членки на МАТТО премиерот Заев ги потврди силните заложби на Владата да ја интензивира економската соработка со Турција и посочи дека токму ваквиот тип на средби се во правец на остварување на тие заложби. Премиерот Заев ги пренесе позитивните впечатоци од неодамнешната официјална посета на Турција и рече дека постои силна политичка волја од двете страни традиционалното вековно пријателство уште поинтензивно да се рефлектира низ зголемување на економската соработка помеѓу двете земји. Во рамки на работната средба беа споделени размислувања, идеи и препораки од страна на бизнис заедницата.
„Импресионирани од мотивацијата којашто ја добивме од неодамнешната посета на Турција, наша заедничка должност е да разработиме конкретни проекти и активности кои за деловната заедница ќе значат бизнис и повеќе профит, за Република Македонија нови работни места, зголемување на БДП и севкупниот извоз“, порача премиерот Заев.
Тој рече дека во Македонија веќе работат сериозен број на турски компании кои плаќаат плата на вработените, плаќаат даноци во буџетот и учествуваат во севкупното производство и во извозот, и порача дека уште повеќе треба да се зголемува овој број на турски инвестиции и да се искористи големиот потенцијал за соработка што двете земји го имаат. „Охрабрувањето што го добивме од Турската стопанска комора и од разговорите со премиерот Јилдирим и претседателот на Турција, Ердоган покажуваат една сериозна посветеност во детали кон Република Македонија. Негуваме едно традиционално вековно пријателство коешто мора да не охрабри сите, пред се деловната заедница да преземеме уште поконкретни инвестиции во земјава“, додаде Заев на средбата со турските бизнисмени.
Премиерот Заев информираше за можностите што ги отвора Планот за економски раст и законското решение коешто помина на владина седница и изрази силни очекувања дека стопанствениците ќе ги пронајдат своите можности за инвестирање преку поддршката што ја овозможува овој план и ќе преземат храбри чекори за нови инвестиции во Македонија.