Министерски состанок на Западнобалканската шесторка во Сараево
Во Сараево денеска ќе се одржи неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Западнобалканската шесторка, чиј домаќин ќе биде шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак.
Според најавите, главни теми за расправа на средбата ќе бидат Стратегија на Европската комисија за проширување на ЕУ кон Западен Балкан и подготовките за Западнобалканскиот самит, предвиден за 9 и 10 јули во Лондон.
Покрај шефовите на дипломатиите на шесте земји од Западен Балкан, на состанокот треба да присуствуваат и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захарева, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, генералниот директор на Еврокомисијата за соседска политика и проширување Кристијан Даниелсон, генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ, координаторот за организација на Самитот во Лондон, Ендрју Пејџ и извршниот директор на Фондот за Западен Балкан, Ѓерѓ Мура.
По пленарната сесија и работниот ручек, предвиено е одржување и на Втората конференција на министрите за надворешни работи на Фондот за Западен Балкан.
На маргините на собирот ќе биде организрана и тркалезна маса под наслов „Долгиот пат во Европа: Западниот Балкан помеѓу домашните предизвици и геополитиката“, на која се очекува да бидат разменети мислења за зајакнување на регионалната соработка.