Фудбалерите на Милан синоќа загубија од Арсенал со 3:1 и се збогуваа од второто по ранг европско клубско натпреварување – Лига Европа.
Судиите синоќа во Лондон направија огромна грешка – главниот судија наседна на симулацијата на Дани Велбек и покажа на белата точка. Арсенал израмни на 1:1 со голот на Велбек од пенал, а потоа и лесно стигна до уште една победа против Милан. Сепак, тренерот на италијанскиот клуб, Џенаро Гатузо, не ја коментираше очигледната грешка на судијата.
„Горд сум на моите момци. Одиграа добар натпревар, а реално, овој дуел беше загубен уште на „Сан Сиро“. Единствено што ме лути е лошата реакција после вториот примен гол каде што моите играчи се предадоа, па потоа примија и трет гол. Не смее тоа да ни се случува“, изјави Гатузо и додаде:
„Не сакам да барам алиби, ниту пак да зборувам за судиите. Не знам дали беше пенал, но судиите прават грешки исто како и фудбалерите“, изјави Гатузо.