Со 41 глас „за“ пратениците вчера ги изгласаа измените на Законот за заштита од пушењето. „Против“ гласаа 14 пратеници, а еден пратеник беше воздржан. На седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата.
Еден од поднесувачите на предлог-законот, Томислав Тунтев, кој е координатор на пратеничката група на СДСМ, рече дека законските измени се однесуваат на терасите, а не на затворениот дел од угостителските објекти и според него рестриктивните мерки во изминатите осум години, колку што Законот е на сила, не дале резултати и бројот на пушачи не се намалил. Тој рече дека измените на Законот одат во прилог на угостителството.
Со измените на Законот во сила останува забраната за пушење во затворени објекти, а дозволено ќе биде угостителите да дозволат пушење на терасите и бавчите и во текот на зимскиот период, односно се укинува одредбата од Законот дека е дозволено пушење во надворешниот дел од објектот кој мора да биде покриен одозгора и отворен од три страни.
Според предлагачите на измените, актуелните законски решенија ја влошиле економската состојба во Република Македонија со тоа што поради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе-баровите, кабареата, дискоклубовите, пивниците и коцкарниците, сопствениците биле принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголемил и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отворање нови работни места. Угостителскиот сектор доживеал драстичен пад на прометот (околу 75%), особено за време на периодите кога временските прилики не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), период во кој угостителите се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење и сл.).
„Угостителите се принудени нивните гости кои сакаат да запалат цигара, или да ги одвратат од намерата да бидат нивни гости или, пак, да ги упатат гостите надвор од деловниот објект, вклучително и надвор од терасите и летните бавчи, што е мошне неприкладно, недолично и непродуктивно. Контрадикторноста на Законот ја гледаме во тоа што истото дејствие, т.е. запалена цигара надвор од деловниот објект (на тераса, летна бавча и слично), ако се временските услови погодни и преградите подигнати или отстранети, не подлежи на санкција, додека во спротивно подлежи на санкција, која патем е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација“, пишува во предлог-законот кој денеска беше усвоен.
Измените ќе стапат во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија.