Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска по покана на МНР на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и на министерската коференција за Фондот за Западен Балкан.
Во фокусот на дискусиите на состанокот на министрите за надворешни работи ќе биде стратегијата за кредибилна европска перспектива објавена од страна на Европската комисија во февруари 2018 година и можностите за нејзина операционализација. Ќе се разговара и за резултатите од самитот во Трст, нивната досегашна имплементација и очекувањата од претстојниот самит за Западен Балкан, кој ќе се оддржи во Лондон во јули оваа година.
На состанокот, покрај министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан, ќе учествуваат и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, државниот министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, сер Алан Данкан, генералниот директор во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ.
Димитров исто така ќе учествува и на министерската конференција за Фондот за Западен Балкан, каде што ќе се разгледаат досегашните резултати од работата на оваа организација, како и нејзините идни активности.
За време на престојот во Сараево, Димитров ќе земе учество и на конференцијата Bergedorf Round Table, која оваа година се организира на тема „Долгиот пат кон Европа: Западен Балкан меѓу домашните предизвици и геополитиката“, а на која ќе учествуваат високи владини претставници и меѓународни експерти.