Денеска во Нион, Швајцарија се одржи ждрепката за четвртфиналето од Лигата на шампионите, каде најдобрите 8 тима во Европа ќе ги одмерат силите за пласман во следната фаза.
Реал Мадрид оди на гостување во Торино откако ждрепката одлучи дека ќе гледаме реприза на минатогодишното финале уште во четвртфиналето оваа година.
Барем на хартија, полесни противници добија Барселона и Баерн Минхен, кои и онака беа сметани како фаворити во овогодинешната Лига на шампиони. Баерн Минхен влегува во двомеч со Севиља, додека Барселона ќе ја посети Италија, каде ќе игра со екипа која им е добро позната на Меси и останатите играчи од составот, Рома.
Желба на ждрепката беше единствените два преостанати англиски тимови да ги одмерат силите меѓу себе, па така во четвртфиналето ќе го гледаме и двомечот помеѓу Манчестер Сити и Ливерпул.
На прв поглед, како победници од ждрепката излегуваат Барселона и Баерн Минхен, додека Манчестер Сити и покрај одличната форма мора да внимава против Ливерпул бидејќи тоа е тимот кој им го нанесе единствениот лигашки пораз оваа сезона.