Во среда нов протест за малиот Алмир пред Влада
Нов протест се најавува во Скопје, како реакција на судската постапка за смртта на малиот Алмир од Куманово. На социјалните мрежи се споделува повикот за протестот кој е закажан за во среда во 13 часот пред Владата.
„Ве очекуваме на протест да го искажете вашиот револт кон судската мафија. Донесете со себе играчка, парче облека или што било најмило од вашето дете или внуче. Протестот ќе биде мирен затоа што ќе има многу мајки и деца“, повикуваат организаторите на протестот.
Неделава четворица обвинители – Џелал Бајрами, Ферат Елези, Башким Бесими и Исмаил Дардишта испратија писмо до јавноста, со кое реагираат дека се против одлуката на кумановското обвинителство и кумановскиот суд на обвинетиот Бобан Илиќ да му се суди за тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот наместо за убиство на малиот Алмир.
Нивната реакција велат дека следува, бидејќи со преквалификацијата имало повреда на основните начела на Законот за јавното обвинителство. Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, ја осуди постапката на четворицата обвинители, истакнувајќи дека таквото обраќање е непрофесионално и се прекршил етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија.
Прегазувањето на четиригодишниот Алмир се случи на 25 јуни 2016 година поради банална расправија за ред во Здравствениот дом во Куманово, која прерасна во физичка пресметка помеѓу таткото на детето и Бобан. Во обид да избега од напаѓачите, Бобан со својот автомобил удри во ѕид од куќа и го прегази детето. Семејството Алиу побара максимална казна за Бобан. Тој, пак, тврди дека е жртва во пресметката на таткото на Алмир, Сеад Алиу, и на уште двајца негови роднини за насилство.