Деветгодишно дете ја убило сестра си поради видеоигра

Тринаесетгодишна девојка во Мисисипи почина откако нејзиниот деветгодишен брат наводно ја застрелал по расправија за видеоигра, соопшти полицијата.

 

Двете деца се расправале завчера попладне за тоа кој да го држи управувачот на конзолата, по што момчето зело пиштол и пукало во сестра си.

Детето наводно пукало во девојката одзади и куршумот ѝ поминал низ мозокот.

Локалниот шериф соопшти дека тинејџерката починала подоцна во болница во Мемфис од здобиените повреди.

Не е познато како момчето дошло до пиштолот.

Исто така не е познато со какви законко-правни последици ќе се соочи момчето.

„Тој има само девет години“, рече шерифот на Монро Каунти Сесил Кантрел за весникот „Кларион леџер“.

„Претпоставувам дека го видел тоа на видеоигри или на ТВ. Не знам дали знаел кои се последиците од неговата постапка. Не можам да одговорам на тоа. Не знам. Ова е трагедија.“

Мајката на децата била во друга соба во куќата и им давала ручек на другите деца кога се случил инцидентот.

Полицијата отвори истрага за инцидентот и работи на утврдување на тоа како оружјето, рачен пиштол со калибар 25, дошол во рацете на детето.

„Ова е нова територија за нас. Никогаш досега сме немале случај деветгодишно дете да застрела друго дете“, рече шерифот Кантрел.

Треба да знаете
Последни објави