Ременски: Имам докази дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад насилствата врз пратеници од СДСМ
Потпретседателот на Собранието на РМ, пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, изјави дека денеска ќе поднесе кривична пријава за насилство против Тони Јаревски советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош и претседателот на партискиот ОК Сашо Лазаревски, кои според неа се организатори на протестите одржани вчера пред нејзиниот дом поради донесувањето на Законот за употреба на јазиците.
Според Ременски, јавните собири и протести се уредени со закон и подлежат на соодветни обврски на самиот организатор и одговорност на самите учесници за настанати евентуални штети при одржување на протестот во случај на јавен простор, а во овој случај најмалку може да се зборува за јавен протест, туку, вели, станува збор за самоволие и самовластие дозволено од група на граѓани органзирани политички да изнесуваат навредливи зборови и да се закануваат по сигурноста и безбедноста на нејзиниот дом и семејство, што се гарантирано уставно право на секој граѓанин на РМ, како право на приватност, на неповредливост на домот и право на заштита и живот.
Јас најавив кривична пријава и денеска ќе ја поднесам до ОЈО во Скопје затоа што моите сознанија и докази со кои располагам говорат дека зад организирањето на хулиганството пред мојот дом стои Општинскиот комитет на ВМРО-ДПНЕ од општина Карпош, заедно со актуелен советник и претседател на ОК на партијата, поранешен претседетал на ОК, повеќе вработени во јавни институции во РМ… Конечно во РМ нема да може да се практикува таков тип самоволие пред домови на пратеници кои согласно закон и Устав имаат право и обврска да гласат за закони по лично и сопствено убедување, рече Ременски во изјава по конститутивната седница на Буџетскиот совет на Собранието на РМ.