Водно се прекопува поради гасоводот, предвидена е и сеча на шума

Водно се прекопува поради гасоводот, предвидена е и сеча на шума

Парк-шумата Водно од минатата недела е цел на нови градежни активности. Се прекопува поради изградбата на гасоводот за што е предвидена и сеча на дрвја. Четири багери во вторникот в зори, без најава, се искачиле на Водно и почнале да го рамнат теренот на местата каде што треба да поминува гасоводот. Работеле два часа и си заминале. Израмнет е дел од шумата на местото наречено Бел Камен во должина од 200 метри и ширина од 25 метри, а околчена е и целата траса кон Матка, каде што треба да минува гасоводот. Багерите сотреле и неколку борови што стојат покрај израмнетиот дел. Откорнати и искршени дрвја има и по целиот пат што води до Бел Камен – им пречеле на машините.

Работниците си заминале и ги оставиле багерите кои веќе една недела се во парк-шумата, без чувар. Ги чуваат шумарите на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

За новиот напад на зеленилото на Водно алармираа планинари што ги забележале градежните машини во близина на врвот на Водно. Тие не се согласни гасоводот да ја пресече парк-шумата и бараат стопирање на градежните активности.

Адриан Муча, директор на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, во чија надлежност е парк-шумата Водно, вели дека почнале подготвителни работи за гасоводот, но сè е стопирано и во тек се состаноци на кои ќе се реши дали изградбата ќе продолжи. Директорот тврди дека во подготвителната фаза немало сеча на дрвја.

„Немаме ниту издадено одобрение за сеча на дрвја ниту сме добиле барање за сеча. Градежните работи се стопирани. Со целиот случај за градење на Водно е запознаен скопскиот градоначалник и во тек се состаноци на кои ќе се реши како да се постапува понатаму“, изјави директорот Муча за „Макфакс“ .

Проектот за изградба на гасовод на Водно е одобрен уште 2010 година кога Министерството за транспорт и врски направи и физибилити-студија за влијанието врз околината. Низ Водно ќе минува магистралниот гасовод Скопје-Гостивар-Кичево. Гасоводот минува под локалниот пат за селата Соње и Ракотинци, ја заобиколува викенд-населбата помеѓу село Сопиште и село Ракотинци и навлегува во урбаниот простор на планираната населба Сончев Град. Од таму се искачува кон врвот Водно западно од Милениумскиот крст. На ова место предвидено е одвојување од главниот магистрален вод со поставување блок-станица „Водно“ за опслужување на комплексот во склопот на Милениумскиот крст. Од врвот на Водно гасоводот продолжува кон Матка.

Извор: Макфакс

Треба да знаете
Последни објави