Нови детали: Митралезот пукал додека војниците го пренесувале во хангарот

Нови детали: Митралезот пукал додека војниците го пренесувале во хангарот

Нови детали за случајот со ранувањето на двајцата професионални војници во тетовската касарна соопшти јавното обвинителство. Откако од Генералштабот соопштија дека тие биле ранете додека го чистечеле митралезот, од Основното јавно обвинителство во Тетово, пак, велат дека извршиле увид и оти митралезот пукал додека бил пренесуван во хангарот.

„Според првичните сознанија, настанот се случил кога двајца војници од тимот, по враќањето од воена вежба во Штип, го симнале митралезот тежок 35 килограми кој бил монтиран на хермелин. Во моментот на пренесување на митралезот во хангарот, тој испукал еден куршум кој повредил други двајца војници кои го чистеле оружјето. Надлежниот јавен обвинител разговарал со неколкумина војници кои биле очевидци на целиот настан и кои објасниле дека митралезот неколку пати заглавил и за време на воената вежба во Штип“, пишува во соопштението од обвинителството.

По наредба на обвинителот ќе се прави вештачење на митралезот и на чаурата пронајдена на лице место, а ќе се прегледува и целокупниот протокол на изведената воена вежба во Штип.

 

Дополнително, велат од обвинителство, ќе биде прибавена и целосната медицинска документација за двајцата повредени војници, кои во моментов се во стабилна состојба и надвор од животна опасност.

Настанот го испитува и Одделението за криминалистика при Воената полиција, кое исто така својот извештај ќе го достави до обвинителот.

Треба да знаете
Последни објави