Граѓаните без извод до септември ќе може да се запишат во матичната книга на родените
Граѓаните што немаат извод, ниту каков и да е друг документ од први следниот месец до крајот на септември ќе можат да се пријават во управата за водење матични книги и да побараат да бидат запишани во матичната книга на родените.
Управата за водење матични книги утре ќе распише оглас за пријавување на овие лица во матичната книга на родени. Според податоците со кои располага Министерството за труд и социјална политика во моментов има 550 лица кои немаат лични документи, а се родени и живеат на територијата на Македонија.
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, кажа дека очекуваат во овој процес да се јават околу 3.000 лица.
„Проблемот со лицата неевидентирани во матичната книга на родени е нотиран уште во 2011 година, а сè уште не е соодветно третиран. Токму затоа, Владата донесе одлука за негово системско решавање, кое ќе се одвива во неколку фази. По завршување на сите фази ќе се утврди точната бројка на лица неевидентирани во матична книга на родени. Со тоа тие ќе добијат привремен регистарски број со кој ќе добијат одредени права во делот на здравствена и социјална заштита и образование. А подоцна ќе го добијат и својот прв матичен број“, рече Царовска.
Таа кажа дека паралелно ќе се направат измени во Законот за вонпарнична постапка, Законот за матична евиденција и Законот за лични карти, живеалиште и престојувалиште.
„Во меѓувреме ќе се подготват и обучат матичните служби, центрите за социјална работа и граѓанските организации за да им се обезбеди навремена услуга на засегнатите граѓани“, рече Царовска.
Бујар Дарлишта, директор на Управата за водење матични книги кажа дека сите лица кои досега не се регистрирале во матичната книга или не ги регистрирале своите деца, да појдат во подрачните единици на Управата и да се пријават.
„Тоа важи за лицата родени во домашни услови или во здравствени установи, но нивните родители не го пријавиле раѓањето“, рече Дарлишта.