Иванов останува на ставот – не го потпишува указот за законот за јазици
Една недела по неговото донесување Законот за јазиците и натаму останува во џебот на Претседателот Иванов. Од Вила Водно за Сител велат дека нема никакви промени во ставовите кои Претседателот ги изнесе во своето последно обраќање кога рече дека потпис за на указот за овој закон нема да има.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш ја поддржаа одлуката на Претседателот и и порачаа на власта да не помислува да гази преку институцијата Претседател бидејќи за тоа, кривично ќе одговара
За СДСМ позициите на ВМРО-ДПМНЕ се лицемерни.
„Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и Амандманот 5 донесени во 2001 година и ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници што е во согласност со концептот на едно општество.
Ѓорге Иванов е должен да постапува според Уставот и членот 75 од Уставот и е должен да го потпише Указот за Законот за употреба на јазиците.
Ниту Иванов, ниту ВМРО-ДПМНЕ не се над Уставот и нема да успеат да внесат нови поделби во општеството. Македонија избра да оди напред како едно општество за сите граѓани“ – стои во писмената реакција на СДСМ
Законот за јазиците во чудна и тензична постапка беше изгласан минатата недела и се уште го чека потписот на Претседателот Иванов на указот за неговото објавување во Службен весник. Согласно Уставот Претседателот е должен да го стави својот потпис но при тоа не е наведено во кој рок мора да го направи тоа. Ваквата ситуација му остава простор на Иванов, Законот за јазиците да го држи во џеб на неодредено време и практично да го блокира неговото стапување на сила.