Зимската служба на ЈП Улици и патишта го расчистува снегот од градските сообраќајници
По врнежите на снег кои го зафатија скопскиот регион, екипите на Зимската служба на Град Скопје веднаш излегоа на терен и интервенираа на булеварите и на магистралните улици што се во надлежност на Градот.
Во текот на изминатите часови поминати се сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, а дополнително со сол се поминати и т.н. „критични точки“.
На терен зимската служба интервенира со механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“, односно со 19 разновидни возила и машини (16 возила на зимска служба и 3 грејдери), а на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија.
Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.
Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.