Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, кој вчера попладне пристигна во посета на Скопје, денеска ќе има средби со државниот врв.
Согласно агендата, Коѕијас утринава ќе има средба со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, по што ќе следува заедничка прес-конференција. Потоа, Коѕијас ќе има средба со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и со претседателот на Собранието Талат Џафери.
За време на средбите се очекува да стане збор за позициите на двете земји во врска со нацрт-договорите за решавање на спорот за името. На 30 март министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција ќе се сретнат во Виена, заедно со медијаторот на ОН, Метју Нимиц.
Посетата на Коѕијас се одржува на покана на македонскиот министер за надворешни работи. Грчкиот шеф на дипломатијата пристигна во земјава со авион, што знаечеше дека првпат по 12 години грчки авион слета на скопскиот аеродром.