Банани, ананас и топло млеко за несоница

Спротивно на застареното верување, пореметувањата во сонот во повозрасни години не се последица на стареењето, бидејќи количината и потребата за сон се менуваат при различни животни периоди, а на постарите понекогаш можат да им бидат потребни дури и повеќе од осум часа сон, истакнуваат експертите.

 

Истражувања на американското Здружение за сон, покажуваат дека на возрасните им се потребни од 7,5 до 9 часа сон, но притоа е важно да се внимава на тоа колку време се спие одеднаш.

Инаку, проблеми со спиењето можат да бидат предизвикани од најразлични здравствени проблеми, пореметување на животната рутина или пак стрес.

Лицата постари од 60 години се чувствителни и на најблаги бучави, премногу топло или премногу ладно, а оние кои страдаат од артритис, проблеми со бубрезите или депресија, исто така ќе имаат проблеми со сонот.

Несоницата се карактеризира со успивање, често будење во текот на ноќта, претерано будење и чувство на умор и раздразливост, која е посебно изразена веднаш по станувањето.

Исто така, според мислењето на експерти, треба да се прави разлика меѓу привремена несоница која трае неколку дена и се јавува периодично, од хроничната, за која е потребно да се побара медицинска помош.

Експерти сметаат дека за добар сон е потребно да се вежба барем 20 минути четири пати неделно, а посебно се препорачува брзо одење, трчање, пливање и слични активности, бидејќи со вежбањето се ослободува стрес од телото, што е важен предуслов за добар сон.

Што се однесува до исхраната, последниот дневен оброк треба да биде барем половина час пред спиење, при што ананасот, бананата и топлото млеко ќе придонесат за добар сон.

Пијалаците со кофеин, исто така, потребно е да ги ограничите и да ги консумирате во предпладневните часови, а алкохолот е најдобро да го заборавите.

Наместо телевизија, пред спиење се советува слушање на музика, медитирање или читање на литература која смирува.

Треба да знаете
Последни објави