Федерацијата на планинарски спортови извести дека Македонската православна црква утре преку извршителот Христо Јованов насилно ќе го преземе планинарскиот дом „Матка“. Од Федерацијата посочуваат дека поднеле жалба во суд околу сопственоста на домот, а за тоа го известиле и извршителот.
„Иако до извршителот Христо Јованов е поднесен соодветен документ за одложување на извршувањето, поради болест на ополномоштениот адвокат на ФПСМ, иако судскиот процес сè уште трае, за што постои соодветна документација, МПЦ ОА е решена овој вторник насилнички и само ним својствено насилно да влезе во планинарскиот дом ‘Матка’! Иако МПЦ ОА планира со асистенција на полицијата, а во името на Бога, да ги исфрли нашите членови и да го заземе планинарскиот дом ‘Матка’, ФПСМ најавува во најскоро време нова прес-конференција, на која покрај досегашните презентирани документи во јавноста, од кои јасно се гледаат криминални дејанија за присвојување туѓ имот, ќе обелодени и аудиоснимки од кои јасно може да се слушнат структури од Црквата и дел од државни институции како планираат да го одработат целото незаконско преземање“, стои во соопштението од Федерацијата.
Планинарите велат дека за МПЦ ОА никако не важат закони, судски постапки, жалби во рок, туку важи словото на присвојување туѓ имот низ целата држава, и тоа во името на Бога. Тие најавуваат дека нема да дозволат да им бидат одземени просториите сè до исцрпување на сите правни механизми што им стојат на располагање.
„Планинарите уште еднаш гласно ги прашуваат надлежните институции како може планинарски дом, кој не бил изграден од Црквата, никогаш не бил стопанисуван од Црквата, никогаш во минатото не бил сопственост и во владение на Црквата, преку ноќ да биде впишан како имот на Црквата. На овие прашања пред планинарите и јавноста ќе мора да дадат одговор не само учесниците во целиот монтиран случај, туку и оние кои во името на граѓаните треба да ги спроведуваат правдата и законот. Истовремено за случајот се известени сите меѓународни надлежни институции кои дополнително ќе ја разгледуваат севкупната документација што ја поседува ФПСМ и кои ќе дејствуваат во насока на задоволување на правдата“, соопшти Федерацијата.
Од Федерацијата најавија дека ќе го снимаат насилното одземање на планинарскиот дом „Матка“ со цел да се документира насилството за кое велат дека трае подолго време, а се врши врз планинарите и љубителите на природата. Планинарите се згрозени од обидот на Црквата насилно да им го одземе домот среде строг пост.
„Со надеж дека за време на присилното исфрлање на планинарите, конечно, ќе биде отворена и блиската црквичка Св. Андреја, која нема свештени лица и која преку целата година е затворена, а за која повеќе се грижат планинарите и посетителите на планинарскиот дом „Матка“, ве повикуваме и вас со палење свеќи јасно да направиме дистинкција помеѓу вербата во севишниот и криминалните структури во МПЦ ОА“, повика Федерацијата во име на нејзините 30.000 членови.