Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 61. седница.
На дневниот ред на денешната седница на Владата на РМ ќе се најде информацијата за предлог-договор за доделување државна помош на Друштвото за производство и трговија „Костал Македонија“, ДООЕЛ Охрид, која доаѓа на предлог на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за барање за добивање согласност за основање туристичка развојна зона локалитет „Езеро Треска“, која ја достави Агенција за промоција и поддршка на туризмот.
Од информациите за разгледување на оваа 61. седница на Владата на РМ ќе биде предложена и информацијата во однос на изградбата на магистрален гасовод Делница 5 Скопје – Тетово – Гостивар.
На предлог на Министерство за економија, на денешната седница ќе биде разгледан и предлог-законот за енергетика.
На оваа седница министрите ќе ја разгледаат и информацијата за формирање национално координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област, со предлог-одлука и предлог-решение, како и информацијата за донесување одлука за изменување и дополнување на Одлуката за формирање интерресорска консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите и донесување решение за изменување и дополнување на Решението за именување членови на интерресорска консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите.
Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани“.
На дневниот ред на денешната седница ќе се најдат и други точки од интерес на граѓаните, и од програмата за работа на владата.
Седницата е закажана да почне во 12:00 часот.