Ципрас посакува Македонија да има сила да донесе тешки одлуки за името
Се надеваме дека ќе има одѕив и од другата страна, бидејќи за нив е прашање од егзистенцијално значење. Посакувам да го сфатат тоа и да имаат сила да преземат тешки одлуки, што се неопходни, порача од Солун грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи за прашањето за името на 11-та Регионална конференција за продуктивна реконструкција, организирана од Министерството за финансии на Грција и периферијата Централна Македонија.
– Не значи дека влегуваме во преговорите за да постигнеме било какво решение. Преговараме со чувство на одговорност и со цел да постигнеме решение што ќе ги гарантира нашата историја и нашето културно наследство, а во исто време ќе исклучува секаков вид на иредентизам од другата страна – рече грчкиот премиер, и додаде дека Атина сака решение што во иднина ќе им „даде можност на двата народи да продолжат мирно по патот на соработката и развојот“.
Ципрас повтори дека Грција не е под притисок, а во преговорите за изнаоѓање решение учествува затоа што смета дека тоа е правилно.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер, повторно се осврна на спорот со името откако префектот на областа Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, претходно рече дека „единствено решение е договор што нема да го вклучува терминот Македонија во името на соседната земја“.
Грчкиот премиер, во неговиот говор на конференцијата, порача дека грчката област Македонија и градот Солун кои тежнеат да бидат столб на развој во регионот, би умале само корист од решавање на спорот со името.
– Не го разбирам избрзувањето на Апостолос (Ѕиѕикостас) денеска да излезе со став, заземајќи позиција што нѐ враќа уште поназад и од националната линија што беше формулирана во 2008 во Букурешт, кога беше пратеник на мнозинството што ја создаде оваа национална линија – рече Ципрас обраќајќи се до префектот на грчката област Централна Македонија.
По завршување на говорот на Ципрас, на кој присуствуваше и Ѕиѕикостас, со оглед на тоа дека конференцијата заедно ја организираа периферијата во која тој е префект и грчкото Министерство за финансии, Ѕиѕикостас во изјава за солунските медиуми, одговори на она што го кажа грчкиот премиер.
– Можеби говореше за мене, но неговите стрели беа насочени кон неговиот коалициси партнер и кон двајца други министри во владата кои во 2008 беа пратеници во Нова демократија – одговори префектот.