Градски парк ќе добие нови 200 дрвца, а ќе се поднови и тревата стара 40 години
Во Градскиот парк во Скопје деновиве се работи на обнова на зеленилото во првиот дел. Како што информираат од Градот, во акцијата се реконструираат тревните површини во близина на езерцето со нова хидрантска мрежа и се прават подготовки за да се постави урбана опрема и да се засадат повеќе од 200 дрвца.
Забрзано се работи на обновување на тревната површина во близина на езерцето кај стадионот каде што е опфатена површина од 4.400 квадратни метри. По завршувањето на тој дел, ќе се продолжи со реконструкција на тревната површина наспроти фонтаната „Лотосов цвет“, на влезот во Градскиот Парк, на површина од 1.900 квадрати.
„Во овие два дела од Градскиот парк тревата е со надмината физиолошка старост од повеќе од 40 години, поради што е неопходна реконструкција на овие тревни површини. На овие локации е предвидено да се засадат над 200 украсни грмушки и листопадни садници со кои ќе се надополни постојниот дрворед“, рече градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.
Тој исто така истакна дека во овој дел од паркот ќе се постави нова хидрантска мрежа во должина од 700 метри, при што ќе бидат заменети расипаните прскалки и ќе бидат поставени нови, онаму каде што недостасуваат. Ќе бидат поставени и нови клупи и корпи за отпадоци, а ќе се реконструираат и патеките.
За реконструкцијата на двете парцели ќе бидат потрошени околу 4,5 милиони денари. Во продолжение, ќе се реконструира и фонтаната „Лотосов цвет“ заедно со клупите и кантите за отпадоци на платото околу неа.