Мемети: Селективната правда и администрацијата се пречка за правата на граѓаните
Народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети, денеска го презентираше годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2017 година. Притоа, тој нагласи дека во државата постои селективна правда и дека партизираната и непрофесионалната јавна администрација на сите нивоа на власт станува пречка за остварување на граѓанските права.
Тој изјави дека со новата власт има подобра комуникација, но не и со судската власт каде според него има влошување на соработката помеѓу државниот омбудсман и судовите.
– Минатата година, имавме 4.185 забелешки од граѓани, отворивме постапка за 3.594 случаи, а повреди на човековите слободи и права констатиравме во 1.137 случаи. Во 970 забелешки беа прифатени нашите интервенции од институциите, за 104 случаи постапката е во тек, а за 63 наши забелешки беа отфлени нашите интервенции – вели омбудсманот.
Тој ја критикува јавната администрација и побара од министерот за администрација и информатичко опшество да превземе конкретни чекори.
– Јавното обвинителство исто така не покажа сериозни намери за водење на ефективни истраги. По поднесени 5 кривични пријави од наша страна за полициски службеници, само за една има обвинение, а другите се отфррлени. Да не зборувам за нашите пријави против службениците кои работат во затворите за кои Министерството за внатрешни работи само не информира дека постапиле согласно закон – објаснува Мемети.
Народниот правобранител се осврна и на случајот со малиот Алмир каде имаше преквалификација на делото од страна на обвинителството.
– Јас јавно информирав дека имаме доста сомнително прашања по однос како се води постапката, за да вчера излезе информација во медиумите дека едно од лицата што ги правеле вештачењата немал соодветна лиценца – изјави правобранителот.
Тој исто така се пожали дека од судовите постоело грубо попречување на народниот правобранител да си ја врши својата работа и покрај тоа што со новиот Закон за народен правобранител омбудсманот имал право да ги следи судските постапки од многу поблиску отколку обичната јавност.
Мемети исто така се пожали дека при враќање на парите за радиодифузна такса на граѓаните, Управата за јавни приходи им наплаќала на граѓаните 300 денари за образец кој треба да го пополнат за да им бидат вратени 290 денари, што според него, е парадоксално.
– Има граѓани на кои државата им должи пари, но ги квалификува барањата на граѓаните за поврат на тие средства како застарени бидејќи поминале повеќе од 10 години – вели Мемети.
Мемети рече дека има недоречености во Законот за социјална заштита што дополнително ја продлабочило тешката материјална состојба на овие граѓани.
– Денеска слушаме од пишувања во медиуми како извршителите за долг од 1 денар наплаќаат 200 евра, второстепените комисии станаа алатка на Владата за мачење на граѓаните, наместо за услуги – вели Мемети.
Омбудсманот се пожали и на потешкотиите при вработување на нови кадри во институцијата што тој ја раководи, иако со новиот закон имаат многу пообемна работа.