Русија протера 60 американски дипломати
Русија протера 60 американски дипломати и го затвори американскиот конзулат во Санкт Петербург, како одговор на акцијата на САД поради случајот со труењето во Велика Британија.
Овој потег беше соопштен од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Откако во Велика Британија, поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка беа жртви на напад со нервен агенс, за што беше обвинета Русија, западните земји почнаа со протерување на руски дипломати од нивна територија.
На 14 март британската премиерка, Тереза Меј изјави дека раскинува билатерални контакти со Русија, по што 23 руски дипломати мораа да ја напуштат земјата.
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди протерување на 60 руски дипломати, наводни шпиони од САД како одговор на нападот со нервен агенс врз поранешен шпион Сергеј Скрипал.
Меѓу земјите кои одлучија да протераат руски дипломати се приклучи и Македонија.
Министерството за надворешни работи во понеделникот соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал.
– Министерството за надворешни работи објавува дека во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, соопшти МНР.
Русија и понатаму се оградува од било каква поврзаност со нападот на поранешниот агент Сергеј Скрипал.