Актерот Тони Михајловски ја подготвува претставата „Без галама“ по текст на Мајкл Фрејн, а ќе биде поставена во Македонскиот народен театар.
Премиерната изведба е закажана за 31 март со почеток во 20 часот. Ова е втора претстава по „Брачна игра“, каде што познатиот актер се потпишува како режисер.
Адаптацијата на текстот е колективна, а во главните улоги повторно играат најверните соработници на Михајловски, Весна Петрушевска и Игор Џамбазов.
– Играме актер во актер, улогата на сцената е една, а улогата зад сцената е друга. Тоа се две задачи кои се обидовме да ги истражиме и играме. Претставата е напорна и многу прецизна и не може да избегате и смените од формата која е задача во однос на актерската игра. Затоа имавме исклучително тежок процес. Текстот е адаптиран и е курентен на она што е тука и сега. Голем предизвик е да се постави комедија на ситуации на голема сцена. Досега имало два не многу успешни обиди за нејзино поставување, така што и тоа е уште еден предизвик, рече Петрушевска.
Во останатите улоги се синот на Тони, Александар Михајловски, потоа Камка Тоциновски, Арна Шијак, Нино Леви, Емилија Мицевска, Александар Ѓорѓиевски и Стефан Спасов.