
Актерката Сара Џесика Паркер ја поддржа својата колешка од серијата „Сексот и градот“, Синтија Никсон, на изборите за гувернер на сојузната држава Њујорк.
Никсон, позната по улогата Миранда Хобс, овој месец ја најави својата кандидатура за гувернерка.
„Сестро моја од и надвор од екраните, ја имаш мојата љубов, поддршка и глас“, истакна Паркер која во споменатата серија ја толкуваше улогата на Кери Бредшо.
Паркер во пост на Instagram ја опиша Никсон како „мајка“, „активист“, „борец“, вистински вљубеник во Њујорк и „драга пријателка“.

Изборите за гувернер на Њујорк ќе бидат одржани на 6 ноември, кога ќе биде и гласањето за Конгрес.
Актуелниот гувернер, демократот Ендру Куомо, според анкетите има убедлива предност во однос на Никсон.



