На Германија ѝ недостигаат 17.000 медицински сестри и техничари
Новиот германски министер за здравство Јенс Шпан сака драстично намалениот број медицински сестри и техничари во државата да го зголеми со засилен „увоз“ од држави од ЕУ, објави „Рајнише пост“.
– Во Германија сега има недостиг од 17.000 работници во секторот нега. Затоа интензивно ќе бараме медицински сестри и техничари од европското соседство, изјави Шпан.
Тој најави и забрзано признавање на дипломите од странство.
Од Социјалдемократската партија на Германија му префрлаат дека со својата политика сака да ослаби ЕУ партнери.
– Ние не смееме да „купуваме“ од други држави нивни медицински сестри и техничари кои и сега таму им недостасуваат, изјави Карл Лаутербах.
Весникот „Пасауер ноје пресе“, објави дека главен проблем за ниската плата е работењето на одредено време преку агенции кои ги плаќаат помалку од тарифниот договор.
Регуларно и за цело работно време вработени, медициснки сестри и техничари заработуваат околу 3.000 евра бруто месечно, а оние кои се вработени преку агенции – околу 2.500 евра.
Според последните статистички податоци од 2015 година, во Германија работат околу 300.000 странски медицински сестри и техничари од кои најмногу од Полска, БиХ и Казахстан.