Германски Кил успешно ја заокружи осминафиналната фаза во Лигата на шампионите, а веднаш по реваншот против Пик Сегед, клубот го најави следниот чекор, пресметката со актуелниот европски шампион Вардар.
Двете екипи ќе се борат за место на фајнл-фор турнирот во Келн, а Кил со голем респект го најави гостувањето на македонскиот првак, истакнувајќи го неговиот најголем успех остварен минатата сезона, но и детално најавувајќи го квалитетниот состав со кој располага Вардар. Истовремено, на официјалната интернет страница на Кил потсетуваат дека Вардар актуелнава сезона само три пати не успеа да победи на гостински терен, а и дека поодморено го дочекува четвртфиналето бидејќи обезбеди директен пласман во оваа фаза.
Кил во понеделник од 9 часот започнува и со продажба на билетите за првата средба (треба да се одигра на 21 или 22. април), а според објавената информација, влезните билети ќе чинат меѓу 14,5 и 50 евра.